ЗАЧУВАНИ ДРАМИ ОД ЕВРИПИД

euripides

Од Еврипид се зачувани 19 драми, од кои една е сатирска драма (Киклоп), а една е просатирска драма (Алкестида). Останатите се трагедии. Следува список на зачуваните драми, според годината на прикажување:
438 – Алкестида
431 – Медеја
430 – Потомството на Херакле
428 – Хиполит
427–425 – Андромаха
425 – Хекаба
423 – 420 – Молителки
420 или 419 – Електра
416 – Херакле
415 – Тројанки
414 – Ифигенеја кај Таврите
412 – Хелена
412–410 – Ион
409 – Феникијки
408 – Орест
407 – Бакхи
407 – Ифигенеја во Авлида
??? – Киклоп
??? – Ресос

На македоснки се преведени следниве драми:
1. Еврипид, Медеја (Euripides, Medea). Препев од старогрчки, предговор и белешки, Катерина Колозова. Метафорум, Скопје, 1994.
2. Еврипид, Хиполит, Ифигенија во Авлида, Бакхи (Euripides, Hippolytus, Iphigenia Aulidensis, Bacchae). Препев од старогрчки, Даница Чадиковска. Зумпрес, Скопје, 1995.
3. Еврипид, Електра, Орест, Ифигенеја во Таврида (Euripides, Electra, Orestes, Iphigenia Taurica). Превод од старогрчки, Даница Чадиковска. Зумпрес, Скопје, 1998.
4. Еврипид, Хекаба, Андромаха, Тројанки (Euripides, Hecuba, Andromacha, Troiades). Превод од старогрчки, Даница Чадиковска. Три, Скопје, 2002.
5. Еврипид, Алекстида, Елена, Споулавениот Херакле (Euripides, Alcestis, Helena, Hercules). Превод од старогрчки, Даница Чадиковска. Евро Балкан Прес, Скопје, 2003.
6. Сатирски драми: Еврипид Киклоп, Софокле Ловечки кучиња (Dramata satyrica: Euripides Cyclops, Sophocles Ichneutae). Препев од старогрчки, предговор и белешки Даниела Тошева-Николовска. Магор, Скопје, 2012.

АЈСХИЛ: ТЕТРАЛОГИЈА ТЕБАИДА

Тетралогијата Тебаида добила прва награда во 467 год. на фестивалот Големи Дионисии. Се состои од следниве драми:

АЈСХИЛ: ТЕБАИДА

Тетралогијата Тебаида добила прва награда во 467 год. на фестивалот Големи Дионисии. Се состои од следниве драми:

  1. Лаи, Λάιος;

незачувана

(се зборува за убиството на Лаи од Ојдип)

  1. Ојдип, Οἰδίπους; незачувана

(Ојдип дознава дека го убил сопствениот татко и дека се оженил за сопствената мајка, па ги проколнува сопствените деца)

  1. Седумтемина против Теба, πτὰ πὶ Θήβας;

зачувана

(Етеокле, синот на Ојдип, организира одбрана на Теба од Аргивците, кои се под водство на Адраст. Тој е ставен на 7-мата порта, каде што се бори неговиот брат Полинејк. Обајцата се убиваат и пророштвото се исполнува.)

  1. Свинга, Σφίγξ.

незачувана

(Веројатно приказната се однесува на Ојдиповото решавање на загатката на свингата. Сатирите се во заробеништво, и тој ги спасува.)

  • Митот за Лабдакидите         

Лаи, синот на Лабдак, се оженил со Јокаста и владеел со Теба, но немал пород. Растажен од тоа отишол во Делфи кај пророчицата Питија, која го известила дека немањето деца за него е благослов, бидејќи ако му роди дете Јокаста, тоа ќе му биде убиец. Тој се оттргнал од Јокаста, но таа една вечер го опила и го завела. Како резултат на тоа се родил син, на кого Лаи му ги дупнал стапалата со игла, ги врзал едно до друго и го оставил бебето на планината Китајрон. Меѓутоа, бебето било пронајдено од некој пастир, кој им го однел на Меропа и Полиб, кој бил владетел на Коринт, а бил бездетен. Полиб и Меропа го исчувале Ојдип како свое дете, но една ноќ, на некоја гозба, некој пијан човек, му пререкол на Ојдип дека не знае кој му е татко. Иако Полиб и Меропа го убедувале Ојдип да ја занемари оваа изјава, Ојдип заминал во Делфи, за да ја праша Питија кои се неговите родители. Питија, пак, не му го кажала идентитетот на неговите родители, туку дека тој ќе го убие својот татко и ќе се ожени со својата мајка. За да го избегне тоа, Ојдип никогаш не се вратил во Коринт, туку заминал за Теба. На неговото патување Ојдип бил пресретнат на крстопат од една кочија, што возела на спротивната насока. Возачот барал Ојдип да се тргне, но Ојдип се разлутил и се степал со возачот и го убил и него и човекот што го возел, односно кралот Лаи. Со овој чин пола од пророштвото се исполнило.

Во тоа време градот Теба го чувала страшната сфинга, чудовиште со тело на лав, со крилја на орел и глава на жена. Сфингата била казна заради лошиот чин што го извршил Лаи – силувал принцеза од соседниот град. Секој што сакал да влезе во Теба требало да одговори на загатката на сфингата: „Што е тоа што наутро оди на четири нозе, напладне на две, а навечер на три?“. Одговорот е човек. Никој не успеал да одговори на загатката и така Теба била отсечена од цивилизацијата. Но, кога Ојдип пришол кон Теба успеал да ѝ одговори на сфингата, која се фрлила од карпа заради гнев. Потоа, народот на Теба го прогласил Ојдип за крал и предложил да се ожени со вдовицата Јокаста, за да ја зацврсти својата позиција како крал. Од нивниот брак се родиле четири деца: Етеокле, Полинејк, Антигона и Измена. Откако Ојдип дознал за своето вистинско потекло, тој ги проколнал своите деца и заминал од Теба. Етеокле и Полинејк потоа се скарале за власта, но Етеокле успеал да го протера Полинејк од градот. Полинејк нашол помош кај Аргејците и тргнал против Теба. Во битката браќата се убиле меѓу себе. Антигона исто така завршува несреќно, зашто го закопала својот брат Полинејк наспроти законот да не се закопува непријател.

Драмски лица:

Етеокле, син на Ојдип, крал на Теба

Гласник, извидник

Антигона, ќерка на Ојдип,

Измена, ќерка на Ојдип

Хор од Тебански девојки

Објавувач на собранието

Војници, граѓани, граѓанки

 

Место: пред кралскиот дворец во Кадмеја.

 

Пролог (1-77)

(Етеокле, придружбата, гласникот)

Етеокле зборува пред толпа неми лица. Хорот сè уште не е дојден. Ги охрабрува граѓаните да се борат пред портите, зашто градот веќе е под опсада, а според гатачот по птици – Тејресија – Ахајците им спремаат најголем напад досега. Сепак, Етеокле како вистински кормилар на градот, испратил извидница, за да може да го предвиди нападот на непријателите. Земјата ги отхранила граѓаните и редно е и тие да ѝ помогнат, кога таа е во неволја.

Доаѓа гласникот, кој кажува дека бил во извидница и забележал дека имало седум силни водачи, секој спремен да нападне по една порта. Ги оставил на влечење ждреб, кој на која порта ќе се погоди. Го бодри кралот Етеокле, како кормилар на градот, да одбере и тој мажи силни што ќе ги чуваат портите. Се враќа на својата извидничка позиција.

* Нема дијалог меѓу гласникот и Етеокле.

Етеокле останува сам со толпата и се моли на Ѕевс да не го уништи градот клетвата од татко му (Еринија), зашто само среќен град е полезен и за боговите, бидејќи само така ќе им покажува чест. Заминува.

 

Парод (78-182)

(хаотично влегување на хорот; пеење на одделни групи; строфа-антистрофа)

Доаѓа хор од Тебански девојки. Едни гледаат во далечината, кон градските бедеми, други клечат пред божјите кипови, а трети стапуваат напред.

Прво пее една група од девојки, повторувајќи го она што веќе се знае: дека градот е опсаден од непријателска војска, па заради тоа покажуваат загриженост. Се чудат на кој бог да се помолат за спас.

Продолжува песна од друга група – и тие видно вознемирени. Се обраќаат на предокот Ареј и семоќниот Ѕевс исплашени од седумте водачи, кои веќе извршиле ждреб и ќе навалат на портите.

Сите заедно пејат молба кон божествата: Палада, Посејдон, Ареј, Киприда, Аполон Ликеј, Артемида, Хера, бидејќи слушаат дека непријателите фрлаат камења по ѕидините.

По овие песни следуваат строфата и антистрофата, кои претставуваат молба општо до божествата да им го заштитат градот, да послушаат молби од девојки со раце кренати и да не забораваат на жртвите што овој град им ги принел.

 

Прва епизода (183-286)

(Етеокле, хорот)

Се состои од една сцена, во која учествуваат Етеокле и хорот.

Етеокле ја слушнал песната тажачка на хорот и е налутен, затоа што предизвикала народот да се исплаши. Затоа ги потсетува девојките кое е нивното место во општеството:

Се грижи мажот, жена нека не мисли

            за надвор! Штета дом да нема, гледај ти!

            Чу или не чу? Ил’ со глувтар зборувам?

Следува амојбајон меѓу Етеокле и хорот. Хорот пее, а Етеокле рецитира во јампски триметар, за да ја смири ситуацијата.

По ова следува стихомитија меѓу Етеокле и хоровотката. Таа наслушува што се случува надвор и е исплашена, а Етеокле повторно го покажува својот негативен став кон жените. На крајот хоровотката решава да замолчи, а Етеокле ја советува да се моли без плач и кажува дека тој ќе биде на седмата порта.

 

Прв стасимон (287-368)

со антистрофична структура од три пара

Се пејат три пара строфа-антистрофа со поголем обем. Девојките се исплашени од војската што го опколила градот и пее за несреќата што доаѓа од поробувањето.

 

Втора епизода (369-719)

хорот, гласникот, Етеокле

Хорот го најавува гласникот. Истовремено и кралот. Гланикот раскажува кој водач од непријателите на која порта се наоѓа.

Аргос Теба
1. Проојтидска порта Тидеј Меланип
2. Електрина порта Капанеј Полифонт
3. Нејтајска порта Етеокле Мегареј
4. Порта на Атена Онка Хипомедонт Хипербиј
5. Борајска порта Партенопај Актор
6. Хомолојдска порта Амфијарај Ластен
7. Аполонова (?) Полинејк Етеокле

Гласникот заминува откако кажува кој е на седмата порта, без да ја чуе одлуката на Етеокле дека самиот се поставува на таа порта. Хорот е избезумен од оваа одлука на Етеокле. Прво му се обраќа хоровотката да нема крвен грев, а потоа следи амојбајон меѓу Етеокле и хорот. Завршува со стихомитија меѓу Етеокле и хоровотката.

 

Втор стасимон (720-791)

со антистрофична структура од пет пара

Плачат за одлуката на Етеокле и кажуваат дека злото оди до трето колено: Лаи, Ојдип, Ојдиповото потомство. Тоа е заради тоа што Лаи не го послушал Питиското пророштво да умре бездетен, зашто тоа бил единствениот начин да се спаси градот. Пејат за проколнатиот род.

 

Трета епизода (792-821)

гласникот, хорот

Гласникот доаѓа и кажува дека градот е спасен, но дека браќата Етеокле и Полинејк се убиле меѓусебе.

 

Трет стасимон (822-860)

со антистрофична структура од два пара и епода

Не знаат дали да се радуваат што градот е спасен, или да тажат за смртта на Етеокле и Полинејк.

Ексод (861-1078)

а) Прва сцена: песна тажачка на хорот, а потоа истапување на Антигона и Измена во проода

б) Втора сцена: Антигона, Измена, објавувачот, хорот

Објавувачот кажува што решиле првенците на градот: Етеокле, кој се борел од страната на градот да биде погребан, а Полинејк како непријател, да биде оставен непогребан. Антигона се спротивставува и решава сама да го погреба Полинејк. Дел од хорот оди да го погреба Етеокле, а дел оди да го погреба Полинејк.