Youtube канал за античката литература

Драги пријатели на античката драма, отсега можете да следите видео-презентации во врска со античката драма и античката литература на следниот youtube линк:

https://www.youtube.com/@antickaliteratura

Еврипид Медеја

Драги пријатели,

Ве известувам дека излезе во печат трагедијата Медеја од Еврипид, во препев на проф. д-р Валериј Софрониевски. Изданието е на издавачкиот центар ТРИ. Исто така, ве информирам дека можете да си набавите голем дел од старогрчките драми по привлечна цена од 99 ден во книжарниците на ТРИ.

https://shop.kniga.mk/visible-categories/beletristika/novi-izdanija/mede-a.html

Во продолжение ви претставувам дел од препевот, познатиот говор на Медеја пред жените Коринтјанки, која во основа е трагедија за навреденото брачно легло (Јасон ја напушта Медеја за друга жена) и проблемот со граѓанство на сопружниците. Во овој говор се открива положбата на жените во класична Атина, или барем ставот што Еврипид го застапува:

МЕДЕЈА

Коринтјанки жени, од куќа, еве, излегов

да не ми нешто замерите; зар, знам, многу надмени 215

сред смртните има – и такви што се од погледи

поскраја и такви што се надвор в светот; но, некои

од тивки што се, лош глас за небрежност стекнуваат.

Зар, правда не постои во очите на смртните:

пред и јасно да го узнаат срцето на човека, 220

и на поглед сал го мразат, макар ништо не им згрешил.

Да, туѓинот мора на градот да се пригоди,

но немам фалби ни за граѓанин кој станал безочен

и кон својте сограѓани од неукост е нахален.

[Кратка пауза.]

Но, ова збитие што врз мене падна ненадејно 225

душата ми ја уништи: ме нема веќе, изгубив

за живот радост и копнеам да умрам, пријателки.

Зар, оној в кого вложив сѐ, убаво осознавам,

излезе – бил најлош од мажите,– тој, сопругот мој.

Од сите суштества што дишат и мисла имаат, 230

ние жените сме најнесреќно творение:

прво, по цена прескапа, мора сопруг да купиме,

а потем и за господар на својте тела мораме

да го прифатиме – зло уште поболно од она зло.

И в ова лежи премрежје најголемо – дали лош 235

ил’ честит ќе добиеш. Зар, развод слава за жената

не носи, а сопруг не е можно да се одбие.

А, стигнувајќи в дом со нови адети и правила,

мора гатачка да биде, штом дома не научила,

да знае како најдобро да општи со соложникот. 240

И ако добро сѐ ова со напор си изведеме

и мажот со нас живее, носејќи радо јарем свој,

животот е блажен. Ако ли не, смрт е благослов.

Маж, кога од тие внатре вкуќи ќе се снервира,

оди надвор и срце си од мачнина тој смирува 245

[свраќајќи ил’ кај пријател ил’ кај некој врсник свој],

А ние нужно мора в една сал душа да гледаме.

Кажуваат како ние пó дома, без опасност,

живот си живееме, тие, пак, со копје бијат бој.

Колку грешно мислат! Повеќе би сакала три пати 250

в бој зад штит да застанам одошто еднаш да родам!

[Кратка пауза.]

Сепак, зборов исто не важи за тебе и за мене:

зар, ти си имаш тука и град и куќа таткова,

и наслада од животот и дружба со пријатели,

а јас пуста сама, без град, трпам дрска неправда 255

од мажот, доведена ко плен од земја туѓинска,

и немам мајка, ниту брат, ниту никој роднина

кај може да се засолнам од оваа неволја.

Затоа, ќе сакам едно од тебе да побарам:

изнајдам ли некој пат ил’ средство да го накажам 260

мојот маж за овје зла, [и оној којшто му ја даде

ќерка си, и неа со која се ожени], – да молчите!

Та, жената за сѐ е друго полна стравови,

за битка слаба и не може меч да гледа железен,

но кога ќе се затекне во легло онеправдана, 265

е тогаш нема друг на светот нарав покрволочен.

АРИСТОФАН БОГАТСТВО

РАСПРАВИЈАТА МЕЃУ СИРОМАШТИЈА И БОГАТСТВО

АГОН

(487-618)

Старецот Хремил, не можејќи да ја поднесе актуелната состојба во Атина: нечесните да се богатат, а чесните да живеат сиромашно, решава да го побара совет од пророчиштето на Аполон. Имено, дилемата на Хремил е дали да го воспитува својот син да биде чесен или нечесен. Одговорот на пророчиштето е прилично нејасен, бидејќи богот му порачува да го следи првиот на кој ќе наиде откако излезе од храмот. Хремил всушност наидува на слепиот бог Богатство. Откако дознава кој е слепиот старец, си задава задача да го излечи од слепилото за да види дека нечесно го делел богатството. За таа цел решава да го носи во храмот на богот исцелител Асклепиј, но во намерата го спречува парталавата старица Сиромаштија…

Извадокот што следува е драмски натпревар меѓу персонификацијата Сиромаштија и старецот Хремил, кој ја застапува идејата да прогледа богот Богатство и сите да станат богати, а Сиромаштија да ја набркаат засекогаш.

ХОРОВОДЕЦОТ

Ќе треба да кажете некаква мудрост да ја победите неа (Сиромаштија):

со зборови да ѝ противречите, да не покажете никаква слабост.

ХРЕМИЛ

Јас мислам да почнам со она што изгледа јасно го познава секој,

дека праведно е да успеваат оние што се покажале добри, 490

а лошите, а и безбожните луѓе спротивно нив да ги снајде.

Ете тоа е она што сакаме, кое го откривме тешко со мака,

за да биде решение добро и вистинско, корисно секому сегде.

Ако во овој час Богатство гледаше и не се шеташе околу слепец,

кај чесните луѓе ќе појдеше, немаше тој да ги остави така, 495

а од лошите и од безбожните ќе си избегаше. Потоа сите

ќе станеа чесни и богати по негова волја, и побожни сосем.

А кој ли би открил подобро нешто од ова за луѓето, кажи?

БЛЕПСИДЕМ

Од луѓето никој. Ти сведочам јас, не ја прашувај оваа ништо.

ХРЕМИЛ

Помислете каков живееме живот, ние луѓето, в моментов сега, 500

зар нема да кажете дека е лудост и проклетство големо тоа?

Та многу од луѓето станале богати, иако стварно се лоши,

неправедно пари спечалиле тие; а многу што чесни си биле

си немаат среќа, постојано гладни,

[на Сиромаштија]

со тебе везден се дружат.

[на Блепсидем]

Ете затоа велам, да прогледа богот, а оваа, пак, да ја снема. 505

Не постои подобар начин на луѓето добрини да им се дадат.

СИРОМАШТИЈА

Лекоумни едни и рамни ви нема, верувате в глупости лесно!

Без памет сте, старци, во грешење и во дрдорење другари верни.

Ако тоа се случи што барате вие, ви велам не користи ништо!

Ако Богатство повторно прогледа, потоа себе се подели исто,

од луѓето никој за вештина ниту за мудрост ќе одвои време.

Ако исчезнат тие две работи од вас ќе сака ли некој да кова

во бронза, ил’ бродој да прави, ил’ платно да шие и тркала прави,

или кожа да штави, подготвува тули, да мие, одерува кожи,

или земја да сака да ора со плуг, или плод од Деметра да жнее, 515,

ако може безработно секој да живее грижи да немате такви?

ХРЕМИЛ

Ти зборуваш глупости! Сето што ова го раскажа овдека пред нас

ќе биде на слугите грижа.

СИРОМАШТИЈА

Од каде ќе добиеш слуги за тоа?

ХРЕМИЛ

Со пари ќе купиме, нормално.

СИРОМАШТИЈА

Кој ќе ви продаде најпрво, кога

за секого пари ќе има?

ХРЕМИЛ

Па трговец некој што печалба сака, 520

од Тесалија дојден, трговија каде што цути со робови многу.

СИРОМАШТИЈА

Туку најпрво воопшто нема да има со робови трговци нигде,

по тоа што сега го кажуваш. Имено, кој од богатите в ризик

ќе сака да оди со својата душа правејќи си онакви дела?

Ете затоа мора да ораш и копаш и сам да се мачиш за друго, 525

и потежок живот ќе живееш одошто сега.

ХРЕМИЛ

На твојата глава!

СИРОМАШТИЈА

А нема да заспиваш ниту во кревет, бидејќи ни кревет ќе има,

а ни ќилими, кој сака ќилим да ткае штом богат се направил еднаш?

А ниту ќе мачкаат капки парфеми штом невеста дома се носи,

и ниту ќе трошиш на китење с’ фарбани наметки в секакви бои. 530

Па што ќе ти користи толкаво богатство сѐ ова штом ќе ви фали?

А кај мене има в изобилство сѐ она што ќе ви притреба знајте,

бидејќи си седам до мајсторот како господарка него го терам

да пронајде поради недостиг некаков подобар начин за живот.

ХРЕМИЛ

Ти можеш ли некакво добро да подариш освен од бањата меури 535

и дечиња коишто гладуваат како и старици многу што вреват?

Или голем број вошки и комарци, болви, и да не ти спомнувам веќе

од изобилство, коишто нѐ мачат, брмчејќи ни околу главата така,

будејќи нѐ вака ни велат: „Ај станете за да не бидете гладни!“

А наместо наметки партали ние си носиме. Наместо кревет 540

сламарица полнета со стеници, кои не даваат ни да се спие.

И рогозина гнила наместо покривка, а наместо перница камен

до главата голем; се храниме место со лепче со гранчиња бел слез,

а наместо погача ние се храниме со листови сушена репка.

Си седиме место на клупи на скршени стомни, а наместо када 545

си имаме бочва со скршена страна, да знаеш. Па дали те открив

и докажав дека причинуваш добрини многу на луѓето ширум?

СИРОМАШТИЈА

Ти не кажа ништо за животот мој, туку оној на бедните луѓе.

ХРЕМИЛ

За Бедата и Сиромаштијата зарем не велиме дека се сестри?

СИРОМАШТИЈА

Си мислите вие Трасибул дека е сличен на тој Диони́сиј. 550

А животот мој, се колнам во Ѕевса, не трпи воопшто така.

Ти тоа што кажа е живот на бедник, кој ништо во животот нема,

а животот на сиромавиот многу е воздржан, работа носи,

не постои вишок, но ниту пак нешто му фали на таквиот човек.

ХРЕМИЛ

Деметро! О, блажен е таквиот живот за кого ни раскажа сега, 555

воздржување само и мачење, а да не остане ништо за погреб.

СИРОМАШТИЈА

Се ругаш и потсмеваш, не се загрижуваш за сериозните теми,

ти не знаеш дека од Богатство имам навистина подобри мажи

по душа и тело. А тој ги поседува тие со костобол мажи,

со дебели стомаци, дебели нозе, прекумерно дебели што се. 560

А јас си ги имам слабите, тие ко оси, за врагови печал.

ХРЕМИЛ

Си направила тие да личат на оси можеби поради гладот.

СИРОМАШТИЈА

Ќе се обидам сега на двајцата јас да ви објаснам Разборитост што е,

дека со мене заедно живее Скромност, со Богатство живее Дрзост.

ХРЕМИЛ

Се разбира, многу е скромно да крадеш, да разбиваш ѕидови туѓи. 565

БЛЕПСИДЕМ

†Но, Ѕевсе, па како да не биде скромно, штом сокриен треба да биде?†

СИРОМАШТИЈА

Погледни ги политичарите ти во градовите како си прават:

дур живеат во сиромаштија, тогаш се чесни кон народот, градот,

но штом со заеднички пари се збогатат стануваат нечесни веднаш,

на простиот народ му спремаат предавство, војуваат со него војна. 570

ХРЕМИЛ

Туку ништо не излажа околу ова, а клеветиш инаку везден.

Но, како и да е заслужуваш само да плачеш, бидејќи си горда,

настојуваш нас да нѐ убедиш дека од Богатство подобра била

Сиромаштија.

СИРОМАШТИЈА

Сѐ уште не можеш да ме надзборуваш околу тоа,

туку дрдориш, мавташ со крилја.

ХРЕМИЛ

А од тебе зошто ли бегаат сите? 575

СИРОМАШТИЈА

Бидејќи ги правам нив подобри. Од децата најдобро можеш да видиш.

Од своите татковци бегаат тие, а иако добро им мислат.

Но, тешка е таквата задача, знај, да разликуваш праведно што е.

ХРЕМИЛ

А може ќе кажеш ни Ѕевс дека не го препознава доброто право,

бидејќи и тој го поседува Богатство.

БЛЕПСИДЕМ

А нам ни ја испраќа неа. 580

СИРОМАШТИЈА

Навистина имате гурелки вие во умот од Кроново време

па Ѕевс е сиромашен – тоа бар вам ви го објаснив најјасно веќе.

Ако беше тој богаташ, како во оние негови Олимписки игри,

на кои го собира народот хеленски секое четврто лето,

ги објавува сите победници и ги овенчува со маслинов венец? 585

Ако беше тој богаташ нели ќе можеше нив да ги венча со злато?

ХРЕМИЛ

Зар не ни е јасно од ова колку богатството тој си го цени?

Се скржави, не сака ништо да троши, од она што припаѓа нему,

си го чува богатството за себе, а победниците со ѓубре ги венча.

СИРОМАШТИЈА

Ти посрамно дело му припишуваш одошто сиромав само да беше, 590

а имено дека е богат и подлец кој сака да спечали само.

ХРЕМИЛ

Туку Ѕевс да те сотре и нека те овенча тебе со маслинов венец!

СИРОМАШТИЈА

Леле какво дрзнување! Зар одрекувате дека добрините сите

ви доаѓаат од Сиромаштија!

ХРЕМИЛ

Да си ја прашаме ние Хеката,

дали богаташ или, пак, сиромав гладен е подобро да си? А таа 595

ќе рече богатите дека ѝ праќаат јадење секој баш месец,

сиромашните дека го грабаат оброкот уште пред да се стави.

Туку цркни и немој

да си писнала веќе!

Нема да ме убедиш, дури и да убедиш. 600

СИРОМАШТИЈА

О граде Аргос, слушни го што зборува!

ХРЕМИЛ

Викни го Павсон другар во гозби!

СИРОМАШТИЈА

Што претрпев кутра?

ХРЕМИЛ

По ѓаволите оди, далеку од нас!

СИРОМАШТИЈА

Во кој крај да одам? 605

[Ја туркаат да излезе од сцена.]

ХРЕМИЛ

Оди во јарем и не одложувај,

туку побрзај!

СИРОМАШТИЈА

Да знаете дека вие мене

ќе ме барате овде назад!

ХРЕМИЛ

Тогаш ќе се вратиш, а сега губи се! 610

Подобро е за мене да бидам богат,

а тебе да те оставам да плачеш долго!

[Сиромаштија си оди.]

Препев: Даниела Тошева

Антички мим

Со книжевниот род мим се поврзуваат двајца хеленистички автори: Херода од Кос и Теокрит од Сиракуза. Нивните дела, кои се зачувани денес, се нарекуваат и со други називи: мимијамбови и идили. Мимијамбовите на Херода се откриени кон крајот на XIX век на папирусен свиток во Египет. Херода е вистински хеленистички поет, кој создава амалгам од два книжевни рода: мим и јамб. Неговите дела се дијалози напишани во куц јамб, во кои се обработува една сцена од животот на обичните луѓе. Не се потенцира смешното, туку се прикажува грдото кај ликовите, преку нивната меѓусебна комуникација. Имено, ликовите самите се прикажуваат како претставници на својот вид. Станува збор за типични ликови преземени од скоптичката традиција, како подводаџии, подводаџики, жени со сомнителен морал, воопшто жени кои се прикажани без мажите дома итн. Мимовите почнуваат со доаѓањето на еден лик на одредената локација, а завршуваат со завршување на разговорот и со заминување на ликот. Мимовите на Теокрит, кој во антиката е познат како буколски поет, се нарекуваат идили (деминутив од εἶδος = вид), термин кој првобитно означувал збирка од различни видови песни. Тие се зачувани преку ракописната традиција.

Многу често во доцната антика, поради драмскиот облик на излагање, мимовите се класифицирале како драмски видови.

Даниела Тошева

ХЕРОДА

МИМИЈАМБ 6: ПРИЈАТЕЛСКИ ИЛИ ИНТИМЕН РАЗГОВОР

Дејството се случува во домот на Корито, каде доаѓа нејзината пријателка Метро. Слугинката во тој момент го чисти подот. Метро и Корито се господарки, кои имаат повеќе робинки. Нивниот пријателски разговор се однесува на кожниот пенис, кој очигледно се употребува за самозадоволување, а го поседувала Корито. Метро доаѓа кај неа за да ја распраша од каде може да набави таков пенис. Корито ја раскажува историјата на кожниот пенис, што го направил чевларот Кердон. Таа ја фали одличната изработка на пенисот. Во разговорот дознаваме дека Кердон е мал ќелав странец, кој работи илегално, од дома, за да избегне плаќање данок, така што продава во тајност.

ЛИКОВИ:

КОРИТО

МЕТРО

СЛУГИНКАТА на Корито, немо лице

_______________________________________________________

КОРИТО

Но, седни, Метро!

[на слугинката]

Дај на жената столче

да не стои. Сѐ ли мора јас да ти кажам

ти ништо, бедна, сама од себе нема

да сториш? Ко да имам некаков камен,

не слугинка во домот. Јадење кога 5

си земаш до зрно мериш; ако ти падне

на подот, цел ден потем мрмориш, чадиш,

и нé те трпат ниту ѕидовите тогаш.

Ми рибаш под а треба друго да правиш,

ти крадливке! На неa кажи ѝ фала, 10

бидејќи ќе ги вкусеше моите раце.

МЕТРО

Кори́то мила, иста мака си тргаш.

И јас си ’ржам дење ноќе, ко куче

им лајам на овие безимени нешта.

А сега, зошто дојдов.

КОРИТО

[кон слугинките]

Надвор сите 15

никаквици, со уши и јазици само,

мрзeливи до бескрај –

МЕТРО

Немој да лажеш,

те молам мила Корито, кој ти го соши

тој црвен пенис?

КОРИТО

Кај го виде, ма Метро,

тој пенис?

МЕТРО

Носи́да на Ери́на го има 20

пред три дена. Оф убав подарок, стварно!

КОРИТО

Носида? Од кај го зела?

МЕТРО

Ако ти кажам,

да нé ме обвиниш?

КОРИТО

Не, нема, се колнам

во очи, драга Метро, што сакаш кажи,

ќе молчи Корито.

МЕТРО

Од Евбула на Битад, 25

во тајност ѝ го дала, да не знае никој.

КОРИТО

О жени, таа жена смрт ќе ми биде!

Ја веселев бидејќи тажна ми беше,

и уште не го пробав а ѝ го дадов.

А таа како да го пронашла негде, 30

го дала кому не треба. Жива и здрава,

да биде, мила. Нека пронајде друга

пријателка во иднина. Јас на Носида

на Медок – нема да се изразам фино,

ќе прости Адрастеја , – безброј да имам 35

нит’ еден, лепрозен да е, не би ѝ дала.

МЕТРО

Корито, немој гнев во нос да ти влезе

штом чуеш новост која не ти е драга.

Та треба чесна жена сѐ да си трпи.

Но, јас сум крива што го издрдорив тоа. 40

А што можам? Без јазик треба да бидам.

Но сега стварно да те потсетам, кажи

кој мајстор ти го соши? Дали ќе кажеш?

Што ме гледаш смеејќи се? Сега ја гледаш

за првпат Метро? Зошто оваа нежност? 45

Корито, ти се молам, немој да ме лажеш,

но кажи кој го сошил.

КОРИТО

Зошто ме молиш?

Го соши Кердон.

МЕТРО

Кердон? Кажи кој Кердон?

Ги има двајца, еден со сините очи,

на Миртали́на на Килáјтис е сосед. 50

Ни плектрон знае тој за лира да шие.

А другиот, до зградата на Хермóдор

е близу, штом излезеш на сокакот широк.

Тој беше некогаш, но остаре сега.

Со Пилајти́да блажена имаше врска, 55

од спомен таа нека живее вечно.

КОРИТО

Од тие што ги спомна ниеден не е.

Од Еритра или Хиос доаѓа овој,

а ќелав е и низок, личи на Прексин,

до толку не личи ни смоква на смоква. 60

Но, штом ќе прозбори, ќе познаеш тогаш

дека тоа не е Прексин, ами е Кердон.

Се крие дома, тајно работи, зашто

во трепет се од даночниците сите.

Ко жител прав на Кос е – работи така, 65

што мислиш Атена крои, никако Кердон.

Штом дојде донесе два пениса, Метро,

знај очи ќе ми излетаа кога ги видов.

Со толку кренат кур не ќе најдеш машко,

ти велам, зашто сме сами, не само тоа, 70

но нежноста ко сон е, врвчињата фини

ко волна, божем не се кожни. За жени

од овој пофин чевлар нема да најдеш.

МЕТРО

А, нели ти го даде другиот?

КОРИТО

Метро,

сѐ направив, со сѐ убедував тогаш 75

Го бакнав, и му галев ќелава глава,

му давав ликери да пие, го викав

нагалено, но тело нé му дадов само.

МЕТРО

Се требала да дадеш ако ти вреди.

КОРИТО

Сум требала. Го чекав правиот момент. 80

Но, жито мелеше Евбула на Битат.

Па таа дење ноќе триеше камен

мелничарски дур’ не го направи пепел.

И сето тоа да не потроши денар.

МЕТРО

А, како тој го најде патот до тебе, 85

Корито мила? Само немој да лажеш.

КОРИТО

Го прати него Артеми́да на Кандад,

тој кожарот, му кажа кај имам куќа.

МЕТРО

Артемида везден нешто ново ќе најде,

ја шие дури тавраџиката Тало. 90

Штом не си можела да ги земеш двата,

си требало да прашаш другиот кај е.

КОРИТО

Го молев, но се заколна нема да каже.

Тој заљубен е многу во неа, Метро.

МЕТРО

[за себе]

Го кажа патот. Сега кај Артемида 95

ќе одам за да дознаам кој е тој Кердон.

[на Корито]

Корито, ај со здравје. Гладен e маж ми,

за одење е време.

КОРИТО

[на слугинката]

Заклучи врата,

кокошкарке, и преброј дали се сите

коковчиња во дворот. Фрли им просо. 100

А факт е дека тој што кокошки краде

ќе украде па макар в скут да ги чуваш.

Од папирус до текст

Ова е дел од комедијата Намќор на Менандар (342-291 г. пр. н. е.), која е пронајдена на папирус во Египет, во срединатата на дваесеттиот век. Намќор е единствената целосно зачувана комедија од периодот на т.н. Нова атичка комедија. По случајното откривање на фрагменти од комедиите на Менандар, преку низа археолошки ископувања во египетскиот песок, со право може да се каже дека Менандар е татко и основоположник на европската драма.

Менандар, Намќор

Менандар, претставник на новата атичка комедија.

Извадок од комедијата Намќор

ПРОЛОГ

Пан

(Кон гледачите)

Замислете дека ова е Фила во Атика,

а од кај што излегов на Нимфи пештера ;

за тукашниве што можат и в камен да работат

светилиште е мошне славно, вистина!

На овој имот десно Кнемон живее,

но, дивтар е тој човек и намќор невиден,

кон сите; на луѓе баш и не се радува –

„на луѓе“ велам? Веќе долго време тој

е ваков: не рекол во живот сладок збор

на никој, a прв да зборне тој – ма никако!

Сал мене, зарад нужност, мене – богот Пан,

што сосед сум му. И тоа го јадосува,

си знам јас добро. И покрај таков табиет

си зеде жена вдовица, на која маж

од скоро почина и син од бракот прв

си имаше, кој тогаш беше многу мал.

Но, живот убав немаа; се караа

по цели дни и голем дел од ноќите.

Штом ќеркичка, пак, им се роди повеќе

се караа: поголемо не можеше

да биде зло! Од мачна, горка живеачка

си замина кај синот таа, повторно

на имотот од мажот прв. А, имотот

е стварно мал и овде е во комшии;

едвáј да скрпат крај со крај и мајката

и синот и робот верен од татко оставен.

Но, веќе стана младич и мошне умен е;

попаметен е многу од врсниците –

од пуста мака созреа тој многу млад.

А, стариот, пак, тера живот осамен;

со ќерка му и старата слугинка е сам.

Без престан сече дрва, нешто работи,

мразејќи цел свет: и соседи и жена му,

и оние во Холарг долу. Девојката

во чедна мома израсна – ни едно зло

не познава. На Нимфи, мои придружнички

им жртвува, се грижи верно, почитува;

за побожноста и ние ќе ја дариме

со богат младич, од богато е семејство –

земјоделско, и имот има овде тој

од многу таланти , но израснат е в град.

Си дојде на лов сега со еден ловец свој

и случајно ја виде oвде в овој крај,

а со помош моја во неа се заљуби.

Па, тоа е во главно сè, за подробно

ќе мора да ги гледате, ако сакате.

Ми изгледа ко тој да иде наваму –

вљубениот – со ловецот се заедно

и тие нешто за ова си зборуваат.

Пан се враќа во светилиштето, а на сцената се појавуваат Хајреја и Сострат продолжувајќи го започнатиот разговорот.

Препев: Даниела Тошева

Езекил, Излез

„Јас сум дојденец во туѓа земја.“ (Πάροικός εἰμι ἐν γῇ ἀλλοτρίᾳ) (Exodus 2:22)

Темата за Мојсеј и бегството на Евреите од Египет кон ветената земја Ханаан е обработена во една хеленистичка трагедија напишана на грчки јазик со наслов Излез (Ἐξαγωγή). Авторот е Езекил, за кого не се знае ништо повеќе освен дека е хеленизиран Евреин, кој живеел во Александрија во вториот век пр. н.е. Трагедијата Излез е типичен претставник на хеленистичките книжевни родови: ги содржи генеричките обележја на класичната трагедија, но содржи и бројни отстапувања од истата. Хеленистички елементи се љубовните мотиви (Мојсеј и Сепфора) и пасторалните мотиви. Зачувани се 269 стихови преку античката традиција, главно од Евсебиј, Клемент од Александрија и Псевдо-Евстатиј. Драмата е очигледно наменета за етнички разновидна публика, т.е. главно хеленско и хеленизирано население меѓу кое и Евреи, кои во вториот век пр. н.е. биле бројни во Александрија. Во тој период Александријците веќе го имаат преведено Стариот Завет на грчки јазик, ако се суди според писмото на Аристеја, за време на Птолемај Филаделф, од страна на 72 Евреи во Александриската Библиотека (Arist. 307). Според тоа, приказните им биле познати и на Евреите и на Хелените.

Трагедијата Излез содржи многу обележја од трагедиите на Еврипид: започнува со пролог, во кој се раскажува она што било и се најавуваат идните дејства, за да се избегне предолга експозиција. Говорник во прологот е Мојсеј, кој ја раскажува својата генеалогија, и генеалогијата на својот народ (Ἑβραῖοι) многу детално. Главната приказна што ја раскажува е како бил спасен кога бил бебе од ќерката на Фараонот и каков бил неговиот живот во Египет сè додека не го убил Египќанинот и морал да пребега во Либија. Раскажувањето на потеклото започнува со Јакоб:

МОЈСЕЈ

„Кога Јакоб ја напушти земјата Ханаан,

дојде во Египет имајќи седумдесет

души со него и создаде многу

народ што страдаше и беше намачен.

Сè до денешно време ние лошо

трпиме од мажи кои се на власт.“

Deus ex machina или ἀπὸ μηχανῆς θεός

Овој израз денес се користи кога во некоја навидум безизлезна ситуација, ќе се појави некое лице што ќе пружи неочекувана помош. Но, оригинално потекнува од хеленската драма. Имено, со помош на справата машина или кран (μηχανή), во драмите се овозможувало пристигнувања на боговите од небото. Ова сценско помагало често го користи трагедиографот Еврипид, кога драмата не може да се разреши сама од себе, но потребно е да се спушти некаков бог, за да понуди или принуди решение. Аристофан, пак, го користи кранот за комичен ефект, како на пример, во Облаци за да го прикаже Сократ како философ во облаците.

Херода, МИМИЈАМБ 3: УЧИТЕЛ

Да го видиме античкото образование преку еден мим:

Дејството се случува во едно училиште на островот Кос. Има статуи посветени на деветте Музи и на Аполон. Учителот Ламприско и учениците се седнати на клупи во училницата. Влегува Метротима, носејќи го за рака својот син Котал, против негова волја.

Метротима е омажена за старец, кој ниту слуша добро, ниту гледа добро и заедно го имаат синот Кокал. Таа нема пари, затоа живее во станбена зграда. Не може да се каже за нејзиното минато повеќе. Таа бара од учителот брутално да го истепа нејзиниот син, кој не сака да учи, а почнал да се коцка и потрошил многу пари за тоа. Овој мим на еден начин е показател и за начинот на кој се организирало образованието во хеленистичкиот период.

ЛИКОВИ:

ЛАМПРИСКО, учител

МЕТРОТИМА, сиромашна жена

КОТАЛ, син на Метротима

НЕМИ ЛИКОВИ:

ФИЛОС, ученик

ЕВТИЈ, ученик

КОКАЛ, ученик

_______________________________________________

МЕТРОТИМА

Ко Музите на тебе што би ти дале,

Лампри́ско, радост в живот, наслада само,

по рамо така овој мавај го, сѐ дур’

не излезе низ уста душата лоша.

Тој мене, кутра, ми го уништи домот 5

со коцка. Не го задоволува игра

со зарчиња, Ламприско, веќе се стреми

кон зло поголемо. А кај има куќа

учителот тој не знае. Ама денот

за плаќање, тој горчлив, триесетти иде 10

па макар плачела ко Нанак . Но кај е

коцкарницата во која живеат олош

и бегалци, на друг ќе покаже лесно.

А кутра даска, секој месец ја мачкам

со восок, но за кого, лежи ко сирак 15

ја фрлил меѓу ѕидот и леглото таму.

Па штом ја види како Хад да го видел,

не пишува тој убаво, цела ја стружи.

Зарчињата, пак, многу повеќе светат

од лекитот , што често се користи кај нас, 21

и лежат таму в торби или во мрежи. 20

Од буквите ни алфа нé би ја знаел

па макар му ја каже петпати некој.

Пред три дена диктат со татко му правел

за Марон, тој го сторил Марона Симон,

ко генијалец е. Се нареков себе 25

безумница, сум требала јас да го пратам

магариња да пасе, никако букви

да учи. Сметав помош в стари дни ќе биде.

А кога рецитира песничка детска, 30

под принуда од мене, или од тато,

а татко му е старец наглув со лош вид,

е тогаш ко од скршен бардак [се слуша]:

„Аполоне – Ловецу – “ А јас, пак, му велам:

„И баба ти го знае тоа без школо, 35

и секој Фригиец .“ Но, повеќе ако

го караме, тој бега, три дена нигде

го нема, куќен праг не познава, туку

ја мачи баба му, стара и немоќна жена,

ил’ нозе ми обесува горе на покрив, 40

ко мајмун седнат, се наведнува долу.

Зар знаеш в стомак каква мачнина имав

штом таму ќе го видев? Не зарад него,

но зарад керамидите што ги гмече

ко мекици. Штом зима потем ќе дојде, 45

ги плачам сите тули што ќе ги платам.

Во устата на секој станар е ова:

„На Метроти́ма, Котал тоа го стори“.

Не мрднувам ни заб, бидејќи е така.

Но види како се испарталил сиот, 50

по шума скита ко што Делоски рибар

по море си го троши безличниот живот.

А знае – подобро од áстроном – кога

се паѓа седми ил’ дваесетти. Тогаш

без сон е, чека да им дадете распуст. 55

Ламприско, да ти дадат божиците тебе

да водиш убав живот, успех да имаш,

но него скроти го.

ЛАМПРИСКО

Метротима, ти немој

да молиш, ќе си добие. Кокале, Евтиј,

и Филос, кај сте? На рамо стајте го! Што е? 60

Ја чекате Месечината на Акéсеј?

Те фалам, Котал, за одличното дело,

со зарови зар не е доста да играш

ко нив, но мораш во коцкарница везден,

за пари играш, кај амалите одиш? 65

Поуреден од девојче ќе те сторам,

ни стапче дá не мрднеш, најслатко нешто.

Но, кај е бичот остар, опашот биков,

со кој ги млатев непослушните момци?

Подајте го да не си искашлам жолчка. 70

КОТАЛ

Те молам, немој, жити Музи, Ламприско,

во душата на Котал , во брадата твоја!

Не тепај ме со тој, со другиот удри!

ЛАМПРИСКО

Но, ти си толку лош, о Котале! Дури

да решам да те продадам не би те фалел 75

ни в земја каде глувци железо јадат.

КОТАЛ

Ламприско, колку ќе ме удираш, кажи,

те молам?

ЛАМПРИСКО

Прáшај си ја мајка ти, момче!

КОТАЛ

О мајко! Колку ќе ме удира?

МЕТРОТИМА

Колку

ќе трпи таа твоја проклета кожа! 80

[Ламприско почнува да го удира.]

КОТАЛ

Ламприско, престани!

ЛАМПРИСКО

Ти престани лошо

да правиш!

КОТАЛ

Веќе нема, лошо да правам,

Ламприско, ти се колнам во милите Музи!

ЛАМПРИСКО

Но, види каков јазик! Како се жали!

Во уста глушец ќе ти фрлам да знаеш! 85

КОТАЛ

Но, види, молчам. Не ме убивај! Милост!

ЛАМПРИСКО

Па, Кокал, пушти го.

МЕТРОТИМА

Не пуштај го, немој

Ламприско! Дери го – дур’ сонцето зајде.

Та тој е полукав од хидра, да знаеш,

и тепај го, бидејќи запоставил книги. 90

КОТАЛ

Не, не може!

МЕТРОТИМА

Уште дваесет удари, дај му

да може подобро од Клео да чита.

ЛАМПРИСКО

Па ајде! Само јазик во мед да си ставиш.

МЕТРОТИМА

Ламприско, ќе му кажам на стариот веднаш,

штом дома дојдам отпосле сѐ што се случи. 95

Ќе дојдам пак да го водам со врзани нозе

да го видат господарките што ги мрази.