АРИСТОФАН БОГАТСТВО

РАСПРАВИЈАТА МЕЃУ СИРОМАШТИЈА И БОГАТСТВО

АГОН

(487-618)

Старецот Хремил, не можејќи да ја поднесе актуелната состојба во Атина: нечесните да се богатат, а чесните да живеат сиромашно, решава да го побара совет од пророчиштето на Аполон. Имено, дилемата на Хремил е дали да го воспитува својот син да биде чесен или нечесен. Одговорот на пророчиштето е прилично нејасен, бидејќи богот му порачува да го следи првиот на кој ќе наиде откако излезе од храмот. Хремил всушност наидува на слепиот бог Богатство. Откако дознава кој е слепиот старец, си задава задача да го излечи од слепилото за да види дека нечесно го делел богатството. За таа цел решава да го носи во храмот на богот исцелител Асклепиј, но во намерата го спречува парталавата старица Сиромаштија…

Извадокот што следува е драмски натпревар меѓу персонификацијата Сиромаштија и старецот Хремил, кој ја застапува идејата да прогледа богот Богатство и сите да станат богати, а Сиромаштија да ја набркаат засекогаш.

ХОРОВОДЕЦОТ

Ќе треба да кажете некаква мудрост да ја победите неа (Сиромаштија):

со зборови да ѝ противречите, да не покажете никаква слабост.

ХРЕМИЛ

Јас мислам да почнам со она што изгледа јасно го познава секој,

дека праведно е да успеваат оние што се покажале добри, 490

а лошите, а и безбожните луѓе спротивно нив да ги снајде.

Ете тоа е она што сакаме, кое го откривме тешко со мака,

за да биде решение добро и вистинско, корисно секому сегде.

Ако во овој час Богатство гледаше и не се шеташе околу слепец,

кај чесните луѓе ќе појдеше, немаше тој да ги остави така, 495

а од лошите и од безбожните ќе си избегаше. Потоа сите

ќе станеа чесни и богати по негова волја, и побожни сосем.

А кој ли би открил подобро нешто од ова за луѓето, кажи?

БЛЕПСИДЕМ

Од луѓето никој. Ти сведочам јас, не ја прашувај оваа ништо.

ХРЕМИЛ

Помислете каков живееме живот, ние луѓето, в моментов сега, 500

зар нема да кажете дека е лудост и проклетство големо тоа?

Та многу од луѓето станале богати, иако стварно се лоши,

неправедно пари спечалиле тие; а многу што чесни си биле

си немаат среќа, постојано гладни,

[на Сиромаштија]

со тебе везден се дружат.

[на Блепсидем]

Ете затоа велам, да прогледа богот, а оваа, пак, да ја снема. 505

Не постои подобар начин на луѓето добрини да им се дадат.

СИРОМАШТИЈА

Лекоумни едни и рамни ви нема, верувате в глупости лесно!

Без памет сте, старци, во грешење и во дрдорење другари верни.

Ако тоа се случи што барате вие, ви велам не користи ништо!

Ако Богатство повторно прогледа, потоа себе се подели исто,

од луѓето никој за вештина ниту за мудрост ќе одвои време.

Ако исчезнат тие две работи од вас ќе сака ли некој да кова

во бронза, ил’ бродој да прави, ил’ платно да шие и тркала прави,

или кожа да штави, подготвува тули, да мие, одерува кожи,

или земја да сака да ора со плуг, или плод од Деметра да жнее, 515,

ако може безработно секој да живее грижи да немате такви?

ХРЕМИЛ

Ти зборуваш глупости! Сето што ова го раскажа овдека пред нас

ќе биде на слугите грижа.

СИРОМАШТИЈА

Од каде ќе добиеш слуги за тоа?

ХРЕМИЛ

Со пари ќе купиме, нормално.

СИРОМАШТИЈА

Кој ќе ви продаде најпрво, кога

за секого пари ќе има?

ХРЕМИЛ

Па трговец некој што печалба сака, 520

од Тесалија дојден, трговија каде што цути со робови многу.

СИРОМАШТИЈА

Туку најпрво воопшто нема да има со робови трговци нигде,

по тоа што сега го кажуваш. Имено, кој од богатите в ризик

ќе сака да оди со својата душа правејќи си онакви дела?

Ете затоа мора да ораш и копаш и сам да се мачиш за друго, 525

и потежок живот ќе живееш одошто сега.

ХРЕМИЛ

На твојата глава!

СИРОМАШТИЈА

А нема да заспиваш ниту во кревет, бидејќи ни кревет ќе има,

а ни ќилими, кој сака ќилим да ткае штом богат се направил еднаш?

А ниту ќе мачкаат капки парфеми штом невеста дома се носи,

и ниту ќе трошиш на китење с’ фарбани наметки в секакви бои. 530

Па што ќе ти користи толкаво богатство сѐ ова штом ќе ви фали?

А кај мене има в изобилство сѐ она што ќе ви притреба знајте,

бидејќи си седам до мајсторот како господарка него го терам

да пронајде поради недостиг некаков подобар начин за живот.

ХРЕМИЛ

Ти можеш ли некакво добро да подариш освен од бањата меури 535

и дечиња коишто гладуваат како и старици многу што вреват?

Или голем број вошки и комарци, болви, и да не ти спомнувам веќе

од изобилство, коишто нѐ мачат, брмчејќи ни околу главата така,

будејќи нѐ вака ни велат: „Ај станете за да не бидете гладни!“

А наместо наметки партали ние си носиме. Наместо кревет 540

сламарица полнета со стеници, кои не даваат ни да се спие.

И рогозина гнила наместо покривка, а наместо перница камен

до главата голем; се храниме место со лепче со гранчиња бел слез,

а наместо погача ние се храниме со листови сушена репка.

Си седиме место на клупи на скршени стомни, а наместо када 545

си имаме бочва со скршена страна, да знаеш. Па дали те открив

и докажав дека причинуваш добрини многу на луѓето ширум?

СИРОМАШТИЈА

Ти не кажа ништо за животот мој, туку оној на бедните луѓе.

ХРЕМИЛ

За Бедата и Сиромаштијата зарем не велиме дека се сестри?

СИРОМАШТИЈА

Си мислите вие Трасибул дека е сличен на тој Диони́сиј. 550

А животот мој, се колнам во Ѕевса, не трпи воопшто така.

Ти тоа што кажа е живот на бедник, кој ништо во животот нема,

а животот на сиромавиот многу е воздржан, работа носи,

не постои вишок, но ниту пак нешто му фали на таквиот човек.

ХРЕМИЛ

Деметро! О, блажен е таквиот живот за кого ни раскажа сега, 555

воздржување само и мачење, а да не остане ништо за погреб.

СИРОМАШТИЈА

Се ругаш и потсмеваш, не се загрижуваш за сериозните теми,

ти не знаеш дека од Богатство имам навистина подобри мажи

по душа и тело. А тој ги поседува тие со костобол мажи,

со дебели стомаци, дебели нозе, прекумерно дебели што се. 560

А јас си ги имам слабите, тие ко оси, за врагови печал.

ХРЕМИЛ

Си направила тие да личат на оси можеби поради гладот.

СИРОМАШТИЈА

Ќе се обидам сега на двајцата јас да ви објаснам Разборитост што е,

дека со мене заедно живее Скромност, со Богатство живее Дрзост.

ХРЕМИЛ

Се разбира, многу е скромно да крадеш, да разбиваш ѕидови туѓи. 565

БЛЕПСИДЕМ

†Но, Ѕевсе, па како да не биде скромно, штом сокриен треба да биде?†

СИРОМАШТИЈА

Погледни ги политичарите ти во градовите како си прават:

дур живеат во сиромаштија, тогаш се чесни кон народот, градот,

но штом со заеднички пари се збогатат стануваат нечесни веднаш,

на простиот народ му спремаат предавство, војуваат со него војна. 570

ХРЕМИЛ

Туку ништо не излажа околу ова, а клеветиш инаку везден.

Но, како и да е заслужуваш само да плачеш, бидејќи си горда,

настојуваш нас да нѐ убедиш дека од Богатство подобра била

Сиромаштија.

СИРОМАШТИЈА

Сѐ уште не можеш да ме надзборуваш околу тоа,

туку дрдориш, мавташ со крилја.

ХРЕМИЛ

А од тебе зошто ли бегаат сите? 575

СИРОМАШТИЈА

Бидејќи ги правам нив подобри. Од децата најдобро можеш да видиш.

Од своите татковци бегаат тие, а иако добро им мислат.

Но, тешка е таквата задача, знај, да разликуваш праведно што е.

ХРЕМИЛ

А може ќе кажеш ни Ѕевс дека не го препознава доброто право,

бидејќи и тој го поседува Богатство.

БЛЕПСИДЕМ

А нам ни ја испраќа неа. 580

СИРОМАШТИЈА

Навистина имате гурелки вие во умот од Кроново време

па Ѕевс е сиромашен – тоа бар вам ви го објаснив најјасно веќе.

Ако беше тој богаташ, како во оние негови Олимписки игри,

на кои го собира народот хеленски секое четврто лето,

ги објавува сите победници и ги овенчува со маслинов венец? 585

Ако беше тој богаташ нели ќе можеше нив да ги венча со злато?

ХРЕМИЛ

Зар не ни е јасно од ова колку богатството тој си го цени?

Се скржави, не сака ништо да троши, од она што припаѓа нему,

си го чува богатството за себе, а победниците со ѓубре ги венча.

СИРОМАШТИЈА

Ти посрамно дело му припишуваш одошто сиромав само да беше, 590

а имено дека е богат и подлец кој сака да спечали само.

ХРЕМИЛ

Туку Ѕевс да те сотре и нека те овенча тебе со маслинов венец!

СИРОМАШТИЈА

Леле какво дрзнување! Зар одрекувате дека добрините сите

ви доаѓаат од Сиромаштија!

ХРЕМИЛ

Да си ја прашаме ние Хеката,

дали богаташ или, пак, сиромав гладен е подобро да си? А таа 595

ќе рече богатите дека ѝ праќаат јадење секој баш месец,

сиромашните дека го грабаат оброкот уште пред да се стави.

Туку цркни и немој

да си писнала веќе!

Нема да ме убедиш, дури и да убедиш. 600

СИРОМАШТИЈА

О граде Аргос, слушни го што зборува!

ХРЕМИЛ

Викни го Павсон другар во гозби!

СИРОМАШТИЈА

Што претрпев кутра?

ХРЕМИЛ

По ѓаволите оди, далеку од нас!

СИРОМАШТИЈА

Во кој крај да одам? 605

[Ја туркаат да излезе од сцена.]

ХРЕМИЛ

Оди во јарем и не одложувај,

туку побрзај!

СИРОМАШТИЈА

Да знаете дека вие мене

ќе ме барате овде назад!

ХРЕМИЛ

Тогаш ќе се вратиш, а сега губи се! 610

Подобро е за мене да бидам богат,

а тебе да те оставам да плачеш долго!

[Сиромаштија си оди.]

Препев: Даниела Тошева

Author: Даниела Тошева

Јас сум класичен филолог, професор на Институтот за класични студии, на Филозофскиот факултет во Скопје. Предавам предмети од областа на античката книжевност и култура. Еден од моите интереси од областа на класиката е античката драма, особено античката комедија, која беше предмет на истражување во мојата докторска дисертација. Оваа страна е наменета не само за студентите на класични студии, туку и за љубителите на античката драма, кои ќе добиваат корисни информации за драмските видови и за театарот и театарската продукција во антиката.

Leave a comment