Антички мим

Со книжевниот род мим се поврзуваат двајца хеленистички автори: Херода од Кос и Теокрит од Сиракуза. Нивните дела, кои се зачувани денес, се нарекуваат и со други називи: мимијамбови и идили. Мимијамбовите на Херода се откриени кон крајот на XIX век на папирусен свиток во Египет. Херода е вистински хеленистички поет, кој создава амалгам од два книжевни рода: мим и јамб. Неговите дела се дијалози напишани во куц јамб, во кои се обработува една сцена од животот на обичните луѓе. Не се потенцира смешното, туку се прикажува грдото кај ликовите, преку нивната меѓусебна комуникација. Имено, ликовите самите се прикажуваат како претставници на својот вид. Станува збор за типични ликови преземени од скоптичката традиција, како подводаџии, подводаџики, жени со сомнителен морал, воопшто жени кои се прикажани без мажите дома итн. Мимовите почнуваат со доаѓањето на еден лик на одредената локација, а завршуваат со завршување на разговорот и со заминување на ликот. Мимовите на Теокрит, кој во антиката е познат како буколски поет, се нарекуваат идили (деминутив од εἶδος = вид), термин кој првобитно означувал збирка од различни видови песни. Тие се зачувани преку ракописната традиција.

Многу често во доцната антика, поради драмскиот облик на излагање, мимовите се класифицирале како драмски видови.

Даниела Тошева

Author: Даниела Тошева

Јас сум класичен филолог, професор на Институтот за класични студии, на Филозофскиот факултет во Скопје. Предавам предмети од областа на античката книжевност и култура. Еден од моите интереси од областа на класиката е античката драма, особено античката комедија, која беше предмет на истражување во мојата докторска дисертација. Оваа страна е наменета не само за студентите на класични студии, туку и за љубителите на античката драма, кои ќе добиваат корисни информации за драмските видови и за театарот и театарската продукција во антиката.

Leave a comment