ХЕРОДА

МИМИЈАМБ 6: ПРИЈАТЕЛСКИ ИЛИ ИНТИМЕН РАЗГОВОР

Дејството се случува во домот на Корито, каде доаѓа нејзината пријателка Метро. Слугинката во тој момент го чисти подот. Метро и Корито се господарки, кои имаат повеќе робинки. Нивниот пријателски разговор се однесува на кожниот пенис, кој очигледно се употребува за самозадоволување, а го поседувала Корито. Метро доаѓа кај неа за да ја распраша од каде може да набави таков пенис. Корито ја раскажува историјата на кожниот пенис, што го направил чевларот Кердон. Таа ја фали одличната изработка на пенисот. Во разговорот дознаваме дека Кердон е мал ќелав странец, кој работи илегално, од дома, за да избегне плаќање данок, така што продава во тајност.

ЛИКОВИ:

КОРИТО

МЕТРО

СЛУГИНКАТА на Корито, немо лице

_______________________________________________________

КОРИТО

Но, седни, Метро!

[на слугинката]

Дај на жената столче

да не стои. Сѐ ли мора јас да ти кажам

ти ништо, бедна, сама од себе нема

да сториш? Ко да имам некаков камен,

не слугинка во домот. Јадење кога 5

си земаш до зрно мериш; ако ти падне

на подот, цел ден потем мрмориш, чадиш,

и нé те трпат ниту ѕидовите тогаш.

Ми рибаш под а треба друго да правиш,

ти крадливке! На неa кажи ѝ фала, 10

бидејќи ќе ги вкусеше моите раце.

МЕТРО

Кори́то мила, иста мака си тргаш.

И јас си ’ржам дење ноќе, ко куче

им лајам на овие безимени нешта.

А сега, зошто дојдов.

КОРИТО

[кон слугинките]

Надвор сите 15

никаквици, со уши и јазици само,

мрзeливи до бескрај –

МЕТРО

Немој да лажеш,

те молам мила Корито, кој ти го соши

тој црвен пенис?

КОРИТО

Кај го виде, ма Метро,

тој пенис?

МЕТРО

Носи́да на Ери́на го има 20

пред три дена. Оф убав подарок, стварно!

КОРИТО

Носида? Од кај го зела?

МЕТРО

Ако ти кажам,

да нé ме обвиниш?

КОРИТО

Не, нема, се колнам

во очи, драга Метро, што сакаш кажи,

ќе молчи Корито.

МЕТРО

Од Евбула на Битад, 25

во тајност ѝ го дала, да не знае никој.

КОРИТО

О жени, таа жена смрт ќе ми биде!

Ја веселев бидејќи тажна ми беше,

и уште не го пробав а ѝ го дадов.

А таа како да го пронашла негде, 30

го дала кому не треба. Жива и здрава,

да биде, мила. Нека пронајде друга

пријателка во иднина. Јас на Носида

на Медок – нема да се изразам фино,

ќе прости Адрастеја , – безброј да имам 35

нит’ еден, лепрозен да е, не би ѝ дала.

МЕТРО

Корито, немој гнев во нос да ти влезе

штом чуеш новост која не ти е драга.

Та треба чесна жена сѐ да си трпи.

Но, јас сум крива што го издрдорив тоа. 40

А што можам? Без јазик треба да бидам.

Но сега стварно да те потсетам, кажи

кој мајстор ти го соши? Дали ќе кажеш?

Што ме гледаш смеејќи се? Сега ја гледаш

за првпат Метро? Зошто оваа нежност? 45

Корито, ти се молам, немој да ме лажеш,

но кажи кој го сошил.

КОРИТО

Зошто ме молиш?

Го соши Кердон.

МЕТРО

Кердон? Кажи кој Кердон?

Ги има двајца, еден со сините очи,

на Миртали́на на Килáјтис е сосед. 50

Ни плектрон знае тој за лира да шие.

А другиот, до зградата на Хермóдор

е близу, штом излезеш на сокакот широк.

Тој беше некогаш, но остаре сега.

Со Пилајти́да блажена имаше врска, 55

од спомен таа нека живее вечно.

КОРИТО

Од тие што ги спомна ниеден не е.

Од Еритра или Хиос доаѓа овој,

а ќелав е и низок, личи на Прексин,

до толку не личи ни смоква на смоква. 60

Но, штом ќе прозбори, ќе познаеш тогаш

дека тоа не е Прексин, ами е Кердон.

Се крие дома, тајно работи, зашто

во трепет се од даночниците сите.

Ко жител прав на Кос е – работи така, 65

што мислиш Атена крои, никако Кердон.

Штом дојде донесе два пениса, Метро,

знај очи ќе ми излетаа кога ги видов.

Со толку кренат кур не ќе најдеш машко,

ти велам, зашто сме сами, не само тоа, 70

но нежноста ко сон е, врвчињата фини

ко волна, божем не се кожни. За жени

од овој пофин чевлар нема да најдеш.

МЕТРО

А, нели ти го даде другиот?

КОРИТО

Метро,

сѐ направив, со сѐ убедував тогаш 75

Го бакнав, и му галев ќелава глава,

му давав ликери да пие, го викав

нагалено, но тело нé му дадов само.

МЕТРО

Се требала да дадеш ако ти вреди.

КОРИТО

Сум требала. Го чекав правиот момент. 80

Но, жито мелеше Евбула на Битат.

Па таа дење ноќе триеше камен

мелничарски дур’ не го направи пепел.

И сето тоа да не потроши денар.

МЕТРО

А, како тој го најде патот до тебе, 85

Корито мила? Само немој да лажеш.

КОРИТО

Го прати него Артеми́да на Кандад,

тој кожарот, му кажа кај имам куќа.

МЕТРО

Артемида везден нешто ново ќе најде,

ја шие дури тавраџиката Тало. 90

Штом не си можела да ги земеш двата,

си требало да прашаш другиот кај е.

КОРИТО

Го молев, но се заколна нема да каже.

Тој заљубен е многу во неа, Метро.

МЕТРО

[за себе]

Го кажа патот. Сега кај Артемида 95

ќе одам за да дознаам кој е тој Кердон.

[на Корито]

Корито, ај со здравје. Гладен e маж ми,

за одење е време.

КОРИТО

[на слугинката]

Заклучи врата,

кокошкарке, и преброј дали се сите

коковчиња во дворот. Фрли им просо. 100

А факт е дека тој што кокошки краде

ќе украде па макар в скут да ги чуваш.

Author: Даниела Тошева

Јас сум класичен филолог, професор на Институтот за класични студии, на Филозофскиот факултет во Скопје. Предавам предмети од областа на античката книжевност и култура. Еден од моите интереси од областа на класиката е античката драма, особено античката комедија, која беше предмет на истражување во мојата докторска дисертација. Оваа страна е наменета не само за студентите на класични студии, туку и за љубителите на античката драма, кои ќе добиваат корисни информации за драмските видови и за театарот и театарската продукција во антиката.

Leave a comment