ЕВРИПИД БАКХИ

МЕСТО: Пред кралската палата на Пентеј во Теба. Времето е неколку генерации пред Троја.

ДРАМСКИ ЛИЦА:
ДИОНИС, бог
ХОР од азиски бакхи
ТЕЈРЕСИЈА, пророк од Теба
КАДМОС, татко на Агава
ПЕНТЕЈ, крал на Теба, син на Агава
„СТРАНЕЦОТ“
ЧУВАР
ПАСТИР
ГЛАСНИК
АГАВА, мајка на Пентеј

ПОДЕЛБА НА СЦЕНИТЕ
Пролог: 1-63 [Дионис]
Парода: 64-166 [Хорот]
Прва епизода: 170*-369 [Хорот, Тејресија, Кадмос, Пентеј]
Прв стасимон: 370-431 [Хорот, Пентеј на сцена]
Втора епизода: 434*-519 [Хорот, Пентеј, Слуга, Дионис]
Втор стасимон: 519-603 [Хорот]
Трета епизода: 604-861 [Хорот, Дионис, Пентеј, Пастир]
Трет стасимон: 862-912 [Хорот]
Четврта епизода: 913-976 [Хорот, Дионис, Пентеј]
Четврти стасимон: 977-1023 [Хорот]
Ексода: 1024-1392 [Хорот, Гласникот, Агава, Кадмо, Дионис]

СТРУКТУРА НА ДРАМАТА:

Пролог: 1-63 [Дионис]

Влегува богот Дионис и укажува на гробот на мајка му Семела, што сѐ уште чади. Тој ги има доведено нејзините сестри во Бакханатско лудило, заради тоа што не му го признаваат неговото божеско потекло од Зевс. Сега тетките на Дионис лутаат по светилиштата на планината Китајрон, носејќи еленски кожи и обожувајќи го него. Дионисовата намера е да го воведе неговиот култ во Теба, па заради тоа има земено облик на човек како „Странец“.

Парод: 64-166 [Хорот]
Влегува хорот од азиски бакхи на звукот на авлосот, придружувани од тимпани и кимбала и танцувајќи екстатично. Тие пејат за Дионис и ги повикуваат и другите да се придружат на обожувањето.

Прва епизода: 170-369 [Хорот, Тејресија, Кадмос, Пентеј]
Тејресија го повикува Кадмос да му се придружи во планинските обреди на богот. Исто како хорот, обајцата се облечени во еленски кожи, овенчани на главата со бршлен, носејќи тирс. Влегува Пентеј, жалејќи се на распуштеноста на жените од Теба, кои станале Бакхи, и се заканува дека ќе го уапси Странецот кој ги вовел овие обичаи. Пентеј ги прекорува двајцата мажи, кои се спротивставуваат на Пентеј и му велат дека е безумно да им се спротивстави на овие нови обичаи.

Прв стасимон: 370-431 [Хорот, Пентеј на сцена]
Хорот пее за радоста што ја носи обожувањето на овој бог и за важноста на задоволството, забранетата побожност, и предвидува беда за гордите и непромислените.

Втора епизода: 434-519 [Хорот, Пентеј, Слугата, Дионис]
Странецот го водат во окови. Слугата го опишува чудесното бегство на жените од затворот. Пентеј ја забележува сензуалната појава на Странецот, се заканува дека ќе ја исече неговата коса и дека ќе го земе неговиот тирс. Потоа го испрашува за тајните обичаи на богот и наредува да биде затворен во ергелата. Тие влегуваат во палатата.

Втор стасимон: 519-603 [Хорот]
Хорот во ритам одговара на апсењето на Странецот. Се молат Дионис повторно да ги води со танци. Плачењето на богот од внатре од палатата, ја прекинува нивната песна. Тие викаат по него, откако го чувствуваат земјотресот. Покривот на палатата се чини дека се дели на половина и гром го удира гробот на Семела.

Трета епизода: 604-861 [Хорот, Дионис, Пентеј, Пастирот]
Странецот излегува од палатата и му кажува на хорот дека Пентеј, наместо да го врзе него, се обидува да врзе бик, што е пратен од Дионис. Пастирот раскажува за чудните случувања со жените на Китајрон, кои биле фини сè додека нивните ритуали не биле прекинати. Откако им биле прекинати ритуалите подивеле и ја расчеречиле стоката и ги опустошиле околните села. Хорот, пастирот и Странецот го тераат Пентеј да ја признае божественоста на Дионис, а за возврат Странецот се нуди да ги врати жените мирољубиво од планината. Пентеј ја одбива понудата и наместо тоа ја повикува неговата војска. Странецот прашува дали Пентеј сака да ги види неговите ритуали. Пентеј веднаш се согласува и оди да се преоблече како жена, за да може да ги следи ритуалите. Странецот му кажува на хорот дека Пентеј ќе биде заклан на планината од сопствената мајка и оди со Пентеј да му помогне да се облече.

Трет стасимон: 862-911 [Хорот]
На хорот му се допаѓа нивното ослободување од заканите на Пентеј дека ќе ги затвори и се споредува себеси како срна што избегала од ловецот. Потоа пее за задоволството што доаѓа од победувањето на непријателите.

Четврта епизода: 912-976 [Дионис, Пентеј]
Пентеј пијан и облечен како Бакха се дотерува и вреви. Реалноста му е изместена: гледа два града Теба, две сонца и Странецот со бикова глава. Странецот му кажува на Пентеј дека неговата мајка Агава ќе го носи назад од Китајрон. Пентеј е воодушевен од тоа и заминуваат.

Четврти стасимон: 977-1023 [Хорот]
Хорот предвидува настани на планината. Пејат за нивната желба Пентеј да биде уништен и го молат Бакх да им се појави во некоја од неговите форми.

Ексод: 1024-1392 [Гласникот, Хорот, Агава, Кадмос, Дионис]
Гласникот јавува за смртта на Пентеј. Влегува Агава носејќи ја главата на Пентеј на стап, мислејќи дека носи глава на млад лав. Хорот ја тера да ги повика нејзиниот татко Кадмо и нејзиниот син Пентеј за им го покаже трофејот. Доаѓа Кадмо со слуги кои ги носат деловите од Пентејовото распарчено тело, што ги собрале на Китајрон. Прашањата на Кадмос ја враќаат во реалноста Агава и полека сфаќа дека она што го носи на стап не е глава на лав, туку главата на син ѝ Пентеј. По тажачката, од која се изгубени некои делови, влегува Дионис на справа (μηχανή), облечен во истата насмеана маска, како во драмата, но во облека што го означува богот Дионис. Дионис ја објавува понатамошната судба на Кадмос и неговата жена Хармонија. Кадмос ќе се претвори во змеј, а Хармонија во змија и ќе водат војна на чело со Енхелејците. За ќерките на Кадмос предвидува друг тип на изгнанство. Заминува хорот.

Author: Даниела Тошева

Јас сум класичен филолог, професор на Институтот за класични студии, на Филозофскиот факултет во Скопје. Предавам предмети од областа на античката книжевност и култура. Еден од моите интереси од областа на класиката е античката драма, особено античката комедија, која беше предмет на истражување во мојата докторска дисертација. Оваа страна е наменета не само за студентите на класични студии, туку и за љубителите на античката драма, кои ќе добиваат корисни информации за драмските видови и за театарот и театарската продукција во антиката.

Leave a comment